Советот на Општина Штип донесе одлука во Ново Село, каде што е роден, да се подигне спомен-обележје на револуционерот Тодор Александров. Споменикот ќе биде поставен на кејот Димитар Влахов и заедно со постаментот ќе има вкупна висина од 3,70 метри.
Ќе биде изграден од полимер, а автор е вајарот Далибор Николовски. Чествувањето на ликот и делото на Александров ќе биде на 31 август, денот на неговото загинување на планината Пирин пред точно 100 години.
Во минатото биле изградени повеќе споменици на Тодор Александров. Првиот споменик бил подигнат две години по неговото убиство, во 1926 во Ќустендил. Во Македонија првото спомен-обележје е подигнато во Ново Село, во близина на куќата каде што се родил, кое стои и денес, а во Музејот на револуционерната борба во Штип е поставена негова восочна фигура.
Во 2008, на приватен имот во Велес беше поставена биста со ликот на Александров, но неколкупати беше бутната, па беше дислоцирана. Во 2012 во Кисела Вода во Скопје беше поставен споменик на коњаник, за кого се откри дека го претставува Тодор Александров.
Најновото спомен-обележје на Александров во Штип ќе почне да са гради веднаш, а донатор ќе биде Патриотското здружение „Мише Развигоров“ од Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ