Секоја сабота, во црква во Гетеборг се собираат стотици луѓе од разни возрасти. Притоа се зборат над 20 јазици, но тие не се дојдени за богослужба, туку заради музика.
Тоа е состав познат како „Оркестар од сништата“, визија на Рон Дејвис Алварес, виолинист, диригент и учител. Од 2016, неговата бесплатна програма им овозможи на илјадници бегалци, имигранти, ранливи млади луѓе, но и на родени Швеѓани да научат да свират инструмент, да се поврзат со други и да ги збогатат своите животи. За 38-годишниот Алварес, оваа работа е многу повеќе од музика.
„Оркестарот е како заедница на различни луѓе, различни гласови, различни мелодии. Секој има своја улога и сите се поврзуваат едни со други“, вели Алварес.
Тој пораснал во фавелите на Каракас, Венецуела, окружен со дрога и насилство. Но, него го заинтересирало нешто друго. Во негово маало се наоѓала локална подружница на „Ел Система“, светски призната програма која обезбедува бесплатна обука по класична музика за сиромашни заедници. Алварес се придружил на групата кога имал 10 години и тоа му го променило животот. На 14 години почнал и самиот да предава, а од 16 години веќе и диригирал.
Подоцна ѝ помогнал на групата да ја прошири својата дејност низ светот и така првпат ја посетил Шведска во 2015, во периодот кога во земјата имало наплив на бегалци, најмногу од Сирија и Авганистан.
„За мене, тоа беше шокантен момент. Тие беа целосно изгубени. Се ми изгледаше многу мрачно, а во нивните очи видов дека бараат светлина“, кажа Алварес за Си-Ен-Ен.
Знаел дека може да помогне. Следната година бил ангажиран од шведската подружница на „Ел Система“, се преселил во Гетеборг и започнал музичка група за бегалци. Во почетокот биле 13, им дал инструменти и почнал да ги учи.
„Знаев дека свирењето заедно ќе им овозможи да стекнат пријатели, да се изразат и да ја обноват својата самодоверба. Ја нареков групата ‘Оркестар од сништата‘ за да го нагласам нејзиниот потенцијал“, кажа тој.
Осум години подоцна, програмата брои повеќе од 300 членови на возраст од три до 56 години. Иако повеќето се имигранти и бегалци, во групата има и родени Швеѓани. Групата сега нуди неделни големи проби и часови за почетници на три локации во Гетеборг.
„Тие тука се социјализираат и поврзуваат. Ние сме како семејство. Најдобриот начин да се научи културата на еден народ е низ музиката и секој со себе носи голем дел на својата татковина“, кажа Алварес.