ЗА БЕГСТВОТО НА БЛЕРИМ РАМАДАНИ ВИНОВНО Е МВР, ОДНОСНО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА КОЈА ВРШЕЛА НАДЗОР ВРЗ КУЌНИОТ ПРИТВОР, А НЕ СУДИЈАТА ПАЈАЗИТИ, СМЕТА КРИВИЧНИОТ СУД

    ЗА БЕГСТВОТО НА БЛЕРИМ РАМАДАНИ ВИНОВНО Е МВР, ОДНОСНО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА КОЈА ВРШЕЛА НАДЗОР ВРЗ КУЌНИОТ ПРИТВОР, А НЕ СУДИЈАТА ПАЈАЗИТИ, СМЕТА КРИВИЧНИОТ СУДВо соопштението од Кривичниот суд нема ниту збор за тоа дека по одлуката на Пајазити да го пушти Рамадани во куќен притвор, тројца судии од истиот суд, по жалба донеле нова одлука тој да биде вратен во ефективен притвор во Шутка, по што истиот момент тој избегал. (Фото:СДК.МК)

    Лицето Блерим Рамадани од Косово избега од куќен притвор над кој надзор врши токму МВР, го кажа ставот Основниот кривичен суд Скопје, откако Судскиот совет на итна седница оформи комисија што ќе ги преиспита одлуките на судијата Пајазит Пајазити, кој му додели куќен притвор на бегалецот баран од Србија за воени злосторства во Косово.

    Во соопштението нема ниту збор за тоа дека по одлуката на Пајазити да го пушти Рамадани во куќен притвор, тројца судии од истиот суд, по жалба донеле нова одлука тој да биде вратен во ефективен притвор во Шутка. Избегал од куќниот притвор (од куќата на неговите роднини што ја пријавил за адреса), во моментот кога некој му дојавил дека тричлениот судиски совет донел одлука тој да биде вратен во притвор.

    Мотив за соопштувањето на фактите на Судот, се како што се вели во дописот до медиумите, „и предимензионираната медиумска покриеност на екстрадиционата постапка за лицето Блерим Рамадани, која е поттикната пред сè од бројните политички коментари и преписки, но и бројните експертски коментари кои дадоа свое лично видување на настанот без притоа да ја анализираат фактичката состојба“.

    Факт број еден, според Кривичниот суд, е дека станува збор за странски државјанин, кој се терети за сторено кривично дело во друга земја (Косово), а се бара да биде екстрадиран во Србија.

    „Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед да на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на РСМ е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса. Имено, во идентичен ваков случај со лицето Томора Морине од 2019 – та година, лицето не било екстрадирано во Србија бидејќи тој бил Косовски државјанин и делото за кое се терети било сторено во Косово, па заради тоа надлежност за водење на постапката ја има Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд на РСМ“, ја правда Судот одлуката на судијата Пајазити.

    За факт број два се наведува дека Рамадани бил во активен притвор со решение на Судија на претходна постапка од 17.07.2024 до 01.08.2024 година, или 15 дена. Согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тврди Кривичниот суд, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор.

    Одговорноста ( системска или индивидуална ) за бегството, треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, категорично тврди Судот и објаснува зошто донел решение дека не се исполнети условите за екстрадиција, по што морало да се донесат поблаги мерки, како куќен притвор.

    На 01.08.2024 година, по предлог на одбраната на лицето, донесено е решение со кое лицето и понатаму останува обезбедено за органите на прогон преку куќниот притвор, а при донесување на решението, судијата имал предвид дека: имајќи ја предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција. – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица“.

    Кривичниот совет донеле решение според кое не се исполнети Законските услови за ектрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира