Настава во една смена од 1 септември можат да почнат 124 основни и средни училишта , соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.
„Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена“, изјави Јаневска.
Министерката рече дека со едносменската настава ќе се промени и начинот на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.
„Проблемот со малиот број на деца во училиштата првенствено е проблем на децата. Јас би сакала тоа граѓаните убаво да го разберат. Тие деца, кои се по пет, шест во одредено село и тие деца се де факто изолирани од нивните врсници. Се наоѓаат во едно училиште, кое може да е реновирано, но главно се постари, сведени се сами на себе и на своите родители, наставници кои доаѓаат да ја реализираат наставата и одвреме-навреме се менуваат, но тие немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат, да видат смарт табла, да видат ново модерно училиште, да се натпреваруваат со децата од сопствената генерација и дополнително да бидеме чесни и фер, тие училишта се товар на државата, се плаќаат режиски трошоци“, рече Јаневска на 12 јули, напоменувајќи дека станува збор претежно за училишта во руралните средини.
Б. НЕСТОРОСКА