Иран стои зад неодамнешното хакирање на претседателската кампања на Доналд Трамп, потврдија американските разузнавачки служби. ФБИ и другите федерални агенции во заедничко соопштение рекоа дека Иран избрал да се меша во американските избори „за да поттикне раздор и да ја поткопа довербата во нашите демократски институции“.
Кампањата на Трамп на 10 август рече дека Иран е одговорен за хакирање на нејзините внатрешни пораки. Иранските власти го негираа тоа.
Извори запознаени со истрагата изјавија за „Си-Би-Ес њуз“, дека се сомневаат оти ирански хакери ја нападнале и кампањата на демократската кандидатка за претседателка Камала Харис.
„Разузнавачката заедница е уверена дека Иранците преку социјален инженеринг и други напори побарале пристап до поединци со директен пристап до претседателските кампањи на двете политички партии“, се вели во соопштението на американските разузнавачки претставници. „Таквата активност, вклучувајќи кражби и обелоденувања, има за цел да влијае на изборниот процес во САД“.
На кампањата на Трамп, наводно, ѝ била испратена фишинг е-пошта – порака дизајнирана да изгледа доверливо за да се натера целта да кликне на злонамерна врска. Кампањата на Харис минатата недела соопшти дека исто така била мета на напад со фишинг, иако бил неуспешен.
Агенциите кои ја објавија изјавата, меѓу кои и ФБИ, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и Агенцијата за сајбербезбедност и инфраструктура, рекоа дека тактиката не е нова и оти Русија и Иран користеле такви методи за време на претходните избори во САД. Останува нејасно кои информации, ако ги има, биле украдени за време на хакирањето. Трамп рече дека хакерите можеле да добијат само јавно достапни информации.
„Њујорк тајмс“, „Политико“ и „Вашингтон пост“ соопштија дека им биле објавени доверливи информации од кампањата на Трамп, меѓу кои и за проверка на неговиот кандидат, Џеј-Ди Венс. Медиумите досега одбија да ги објават тие информации не дадоа детали за нив.