Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека по направени проверки, вклучувајќи и преглед на камерите на граничниот премин Блаце, констатирано е дека е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила, во врска со патувањето во Косово на претседателот на Собранието Африм Гаши на 18 август.
Во објава на социјалните мрежи, Тошковски вели дека е утврдено и дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила.
„Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила. Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила“, вели Тошковски.
Министерот додава дека за утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.
Според министерот, планот на патување на претседателот на Собранието бил уредно најавен и во известувањето, покрај него, опфатени се и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила.
„Граничниот премин на 18.08.2024г. во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило. Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата со цел обезбедување на простор без други возила, гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно со член 17 од Законот за гранична контрола, како што се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време“, вели Тошковски
Претходно, од кабинетот на Гаши соопштија дека „претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон. Овој безбедносен детал функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата. Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури“.
Соопштението на кабинетот на Гаши дојде по објавите на косовските медиуми дека „Африм Гаши со службен автомобил оди да ја земе невестата“.
За овој случај, портпаролот на коалицијата Вреди, Фари Хисени, кажа дека ваквите ситуации кога се оди по невестата е обичај за секоја албанска, но и македонска свадба.
„Не гледам нешто лошо за да се практикува обичајот на еден народ“, рече тој.