СЈО СО ПРЕДМЕТ „ТОРТУРА“ ЗА АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ БОШКОВСКИ

    СЈО СО ПРЕДМЕТ „ТОРТУРА“ ЗА АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ БОШКОВСКИ

    Скопје 28 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) Специјалното обвинителство покрена истрага против седум лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Љубе Бошковски во 2011 година, беше речено на денешната прес конференција. За ниедно од осомничените лица не е побаран притвор, туку мерка на претпазливост.

    “Во овој случај сите инволвирани биле заинтересирани целата јавноста да ја види тортурата врз политичарот Љубе Бошкоски. Се работи за нечовечкото постапување при лишувањето од слобода на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

    Таа рече дека првосомничениот е тогашниот директор на УБК, кој им издавал наредби на припадници на единицата „Алфи“ за апсењето на Бошкоски со прекумерна употреба на средства за присилба, со што, според неа, се нарушило неговото човечко достоинство и се дискриминал по основ на поинаква политичка определба.

    „Првоосомничениот, по разработен оперативен план во МВР за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски, поради сомнение дека врши кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ,  a заради одмазда спрема оштетениот поради политичките пораки кои му ги упатил на првоосомничениот во текот на изборната кампања, ги навел полициските службеници задолжени да го извршат лишувањето од слобода да за време на лишувањето кај оштетениот  предизвикаат душевно страдање’, образложи обвинителката Фетаи.

    Таа рече дека „моќта, и на функцијата, и воопшто општата претстава за личноста на Директорот на УБК произвела беспоговорно постапување на полициските службеници и сервилна покорност на неговите наредби, вклучително и на оние наредби како оваа, со која директно се напаѓа човековото достоинство.“

    Мерката на претпазливост побарана за шестмина извршители претпоставува забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

    Специјалната обвинителка Катица Јанева на истата прес конференција рече дека „една од нашите обврски претпоставува изградба на систем во кој се обезбедени сите предуслови кои овозможуваат висок степен на одговорност од страна на државните институции во насока на остварување на нивната обврска за почитување, заштита и развој на човековите права.“

    „Во оваа прилика неопходно е да ги споменам големата повелба за правата како и универзалната декларација за човекови права како фундаментални постулати на кој се темели донесувањето и на други документи со кои се штитат човековите слободи и права, а со кои акти е гарантирано и едно од основните права на човекот и граѓанинот а тоа е „правото на лична слобода на човекот и апсолутната забрана таа да му се одземе“ освен во случаи предвидени со закон и во пропишана постапка.“, рече Јанева

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира