ДОКТОРИ ОД ПРИВАТНОТО САКААТ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, НО НЕ КАЖА КОЛКУМИНА НИ ВО КОИ ОБЛАСТИ

    ДОКТОРИ ОД ПРИВАТНОТО САКААТ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, НО НЕ КАЖА КОЛКУМИНА НИ ВО КОИ ОБЛАСТИСпоред матичните лекари, тешко се наоѓа термин за преглед кај специјалист, поради одливот на специјалистичкиот кадар од јавното во приватното здравство. - Медицински персонал на Клиниката за дигсетсивна кардиохирургија. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Арбен Таравари денеска рече дека доктори од приватното здравство покажуваат интерес да се вратат во јавните здравствени установи. Тој не кажа ниту бројка, ниту за кои области во здравството станува збор.

    „Ние како Влада ќе побараме решение како да ги вратиме одредени експерти кои имаат над 10- годишно искуство како специјалисти и супспецијалисти во тие клиники и болници каде имаме недостаток на кадар. Јас сум многу сигурен дека ќе изнајдеме решение одреден број од нив да се вратат, бидејќи ова нѐ прави навистина горди. Гледаме дека има интерес од докторите што укажува на тоа дека се враќа довербата во јавноздравствените установи“, кажа министерот на прес-конференција на која се говореше за ажурирањето на позитивната листа на лекови.

    На 5 април годинава, проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво кажа дека годишно од Македонија во странство си одат 200 до 250 лекари од јавното здравство.

    „Низ годините бројката на лекари варирала, можам да ви кажам еден пресек, од минатиот век до сега. Бројката која била на почетокот на 20. век од 60-тина лекари, која нараснала во 1990-тите на 18 илјади, сега се движи меѓу 6 и 7 илјади лекари, кои се медицински доктори. Тука не ги вбројуваме фармацевтите, стоматолозите“, рече д-р Димитров во април.

    Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари лани кажа дека тешко се наоѓа термин за преглед кај специјалист, поради одливот на специјалистичкиот кадар од јавното во приватното здравство.

    „Секој пациент бара термин за специјалистички преглед. Бараат термини за мамографија, за кардиологија, а нив ги нема. Факт е дека ние во Македонија, во јавното здравство имаме сѐ помалку специјалисти. Секој може да провери дека термини нема или тешко се доаѓа до нив. За пример нека провери секој, колку термини има слободни на Кардиологија. Сѐпоголем е одливот на колегите од јавното здравство од болниците, во приватното здравство. Има болници како што се тие во Велес, Кавадарци, Кочани, Битола, каде има по еден специјалист и ако тој замине на одмор или е на боледување, пациентите од тој град мора да ги праќате во друг. Така дојдовме во ситуација да се развива здравствен туризам. Има случаи од Велес пациенти да се праќаат во Тетово“, кажа д-р Чолакова-Дервишова лани во август.

    Во јули 2019, Собранието ги усвои измените на Законот за здравствена заштита, со кои се укина плаќањето по учинок на докторите и се избриша временската рамка за преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи. Со укинување на плаќањето по учинок на здравствените работници, нивната основна плата и делот за успешност се утврдуваат согласно колективниот договор.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира