ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДИ ДЕКА ЕДЕН ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО КАЈ „МАВРОВКА“ Е ИЗБЕГАН ОД ЗАТВОР И ПО ПРИВЕДУВАЊЕТО Е ВРАТЕН ВО ШУТКА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДИ ДЕКА ЕДЕН ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО КАЈ „МАВРОВКА“ Е ИЗБЕГАН ОД ЗАТВОР И ПО ПРИВЕДУВАЊЕТО Е ВРАТЕН ВО ШУТКАДопрва се вештачат доказите, за да се утврди дали овој избеган осуденик е вмешан во убиството поради грабеж што се случи завчера претпладне (Фото:СДК.МК)

    Откако на едно лице му е одреден притвор за убиство на скопјанецот пред трговскиот центар „Мавровка“, за обид за убиство на неговата присутна сопруга и за недозволено држење на оружје, второто уапсено лице денеска е вратено во затвор, откај што избегало претходно.

    Допрва се вештачат доказите, за да се утврди дали овој избеган осуденик е вмешан во убиството поради грабеж што се случи завчера претпладне.

    По третото лице учесник во убиството и грабежот, полицијата трага.

    „Основното јавно обвинителство Скопје е известено од Министерството за внатрешни работи дека во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во кривично-правниот настан – убиство кај Трговскиот центар ‘Мавровка’. Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот. Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување“, соопшти Обвинителството.

    За ладнокрвното убиство среде бел ден, ОЈО Скопје веднаш поведе истрага против едно лице, кое се гони за кривични дела – убиство, обид за убиство и недозволено поседување оружје и на кое по предлог на јавниот обвинител му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

    „На 20 август, со пиштол марка ‘глок’ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг-просторот на улицата ‘Филип Втори Македонски’ во Скопје, позади трговскиот центар ‘Мавровка’, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил ‘ауди’ без регистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило ‘цитроен’ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице, од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така избегало“, кажа вчера Обвинителството.

    „Цитроенот“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во „аудито“, по што продолжиле да се движат, но на тамошната улица „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Не го раниле.

    Додека траела пукотницата, другото лице избегало, по кое уште се трага.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира