ФИЗИОТЕРАПЕВТКАТА БЕИРА САЛИФОСКА ЈА ПРОЧИТА „Т’ГА ЗА ЈУГ“ СО БРАЈОВО ПИСМО НА ОТВОРАЊЕТО НА 63. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ФИЗИОТЕРАПЕВТКАТА БЕИРА САЛИФОСКА ЈА ПРОЧИТА „Т’ГА ЗА ЈУГ“ СО БРАЈОВО ПИСМО НА ОТВОРАЊЕТО НА 63. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАСалифоска и Имери на синоќешното отворње на 63. Струшки вечери на поезијата. (Фото: СВП)

    Беира Салифоска преку Брајовото писмо, со пијано придружба на Дино Имери синоќа ја прочита антологиската песна на Константин Миладинов, „Т’га за југ“ на свеченото отворање на 63. Струшки вечери на поезијата (СВП) во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.  Салифоска е лице со оштетен вид, која е физиотерапевт на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Лани а одбрани првата дипломска работа испечатена со Брајово писмо во Македонија, на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ.

    Годинашно мото е „Допир на убавината“, преку кој Фестивалот одбележува 200 години од кодифицирањето на Брајовото писмо.

    „Ако постои објективна реалност, каде убавината се восприема преку очите, тогаш Брајовото писмо е ‘окото’ за лицата со оштетен вид и слепите лица. Преку неговата релјефност, допирајќи го, тие се допрени од убавината на поезијата. Од врвот на прстите до дното на душата“, рече актерката и водителка на отворањео,  Софиа Насевска-Трифуновска.

    Министерот за култура Зоран Љутков и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето. (Фото: Министерство за култура)

    Поетската порака ја прочита Веле Смилевски, кој кажа дека Струшките вечери на поезијата „во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот“, а министерот за култура Зоран Љутков рече дека континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури.

    На поетското читање „Меридијани“ на свои стихови прочитаа добитникот на Златниот венец,  францускиот поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 , академик Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, шведски отпоет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и други странски и домашни поети.

    За денес на Фестивалот, најавени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за  Пиц, „Браќа Миладиновци“ за  Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова.

    На настанот „Ноќ без интерпункција“, покрај поетските читања, ќе се одржи и поетско музички перформанс на Дино Имери и Тина Иванова, наречен „Дом“. Гостин на перформансот ќе биде италијанскиот поет и писател, Клаудио Поцани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира