ЗА ПОТКУПОТ ШТО МУ ГО НУДЕЛЕ ЗА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА, МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА СЕ ИНФОРМИРАНИ НАДЛЕЖНИТЕ, НО ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕМА ТАКВА ПРИЈАВА

    ЗА ПОТКУПОТ ШТО МУ ГО НУДЕЛЕ ЗА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА, МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА СЕ ИНФОРМИРАНИ НАДЛЕЖНИТЕ, НО ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕМА ТАКВА ПРИЈАВА„До овој момент нема таква пријава во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, одговори за САДАМДАКАЖАМ.МК ова Обвинителство Фото:СДК.МК)

    Иако денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека во врска со поткупот што му го понудиле за изградба на железничката пруга кон Бугарија тој ги информирал сите надлежни институции, сепак по проверка во Обвинителството за организиран криминал и корупција, таму таква пријава нема.

    „До овој момент нема таква пријава во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, одговори за САДАМДАКАЖАМ.МК ова Обвинителство, веднаш по прес-конференцијата на Мицкоски на која кажа дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во вредност од 560 милиони евра.

    Станува збор за тендер објавен од минатата Влада за изградба на железница од Крива Паланка до границата со Бугарија.

    Мицкоски не прецизираше од кого му било нудено мито, ама кажа дека тоа одело преку канали, како што „знаеме како оди тоа“.

    „Нудењето поткуп не оди јавно на емисија или преку документ на кој треба да се потпишеме заедно двете страни дека јас ти нудам поткуп, па ти го прифаќаш. Знаеме како оди тоа преку канали и еве сега кажувам дека за пругата кон Бугарија имаше обид да ми биде понуден поткуп за да ја прифатам оваа тендерска документација која истекува 17 септември. Јас кажав дека овој тендер нема да го прифатам и така ќе биде“, рече Мицкоски.

    Криминалците (наши државјани и странци) што земаат или нудат поткуп во секоја држава, па и кај нас, се фаќаат преку граѓанската должност таквите обиди секое лице, а особено носител на јавна функција задолжително да го пријави во МВР или во обвинителството. Потоа со означени банкноти, со следење, прислушување и други посебни истражни мерки, осомничениот се апси на дело.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира