Руски убиец, кој бил ослободен од затвор за да се бори во Украина, по што убил стара жена во Русија, по вторпат излегол од затвор и се вратил на фронтот, кажаа роднините на убиената жена.
„Убиецот на баба ми избегна казна за своето злосторство и отиде да се бори во војната“, изјави Ана Пекарева, внуката на убиената Јулија Бјушких.
Иван Росомахин, кој претходно бил осуден на 14 години затвор за убиство, првпат бил пуштен на слобода во 2022, прифаќајќи ја понудата да се бори за платеничката група „Вагнер“. Откако преживеал шест месеци во Украина, му било дозволено да се врати дома во гратчето Вјацкие Пољани во регионот Киров, каде што потоа ја силувал и убил 85-годишната Јулија во нејзиниот дом.
Во април, 29-годишниот Росомахин добил 22 години затвор за силувањето и убиството на Бјушких, што потоа било зголемено на 23 години. Но, Пекарева кажа дека управителот на затворот ги известил дека Росомахин бил ослободен на 18 август, само една недела откако почнал да ја служи казната.
„Мојата прва реакција беше ужас, Го прочитав форензичкиот извештај и знам што тој ѝ направил на баба ми. Ужасно е што тој повторно е пуштен на слобода. Страшно е што вакво нешто се случува во 21. век“, изјави Пекарева.
Според официјални документи, Росомахин бил ослободен врз основа на посебен руски закон кој дозволува војската да регрутира затвореници за служење на фронтот.
Набргу по почетокот на руската инвазија, „Вагнер“ почна да регрутира руски затвореници за борба во Украина, ветувајќи им слобода ако преживеат шест месеци. Тие имаа особено значајна улога во бруталната опсада на Бахмут. По задушувањето на бунтот на „Вагнер“, оваа практика ја презеде руското министерство за одбрана.