Претпладнево велешани дишеа воздух кој беше високо загаден. Мерните инструменти на Министерството за животна средина (МЖС) покажуваа високи часовни параметри за опасните ПМ10 и ПМ2,5 честички и за јагленмоноксидот. Екологистите посочуваат дека причината за ова се пожарите во близината на градот.
„Градот е окован во чад од огромниот пожар на планините Мукос и Бабуна во Општина Чашка“, кажа Игор Смилев, член на Советот на Општина Велес, кој е дел од ЕГ „Зелена сила“.
Пожарот се гледа од високите делови во околината на градот. Чадот стигна и до Велес, но тешко се дишеше и во населбата Чашка и во селата во регионот Азот. Планинското село Богомила е во чад.
„Како среде зима, се гледа на 20 метри пред нас. Толку чад има. Ова е втор ден со ваква состојба. Очигледно дека ова е од пожарот на Мукос“, вели жител на Богомила.
Мерните инструменти на МЖС покажаа дека на 2 и 3 септември имало големо загадување на воздухот. Беа измерени вредности до 80 мг/м3, што е над дозволената вредност од 50 мг/м3. Началничката на службата за итна помош д-р Василка Пановска кажа дека овие два дена немало пациент кој побарал помош поради загадениот воздух.
Пожарот на Мукос, кој има три краци, кон селата Степанци, Орав Дол и Оморани, пламти од 27 август. Бидејќи е високо, близу врвот на тешко достапен терен, досега не е локализиран.
„Во моментот само вработените во ‘Национални шуми – подружница Бабуна‘ се на терен и се справуваат со пожарот. Со оглед на актуелната состојба со големиот пожар во Прилепско-Мариовско, сите сили и ресурси се насочени кон неговото гаснење“, информираа од ЦУК.
Истиот пожар беше активен до 18 август, а претходно 12 дена гореше шума и беше изгаснат од дождот кој тогаш падна.
П. ПЕЧКОВ