Германската полиција застрела и уби вооружен маж близу Нацистичкиот документациски центар и израелскиот конзулат во Минхен.
„Мажот е застрелан и подоцна почина“, изјави покраинскиот министер за внатрешни работи на Баварија, Јоахим Херман.
Полицијата кажа дека мажот бил забележан како носи долго огнено оружје, по што петмина полицајци размениле оган со него. Нема назнаки дека уште некој е вмешан во инцидентот.
„Работиме на расчистувањето на ситуцаијата. Ја повикуваме јавноста да се воздржи од шпекулации“, кажа полицијата.
Според израелските медиуми, конзулатот бил затворен во моментот на инцидентот, кој се случи на 52-годишнината од крвавиот напад на Олимписките игри во Минхен, кога палестински милитанти убија 11 израелски спортисти.