Владимир Путин го отфрли значењето на украинската офанзива во рускиот регион Курск, тврдејќи дека таа не го забавила руското напредување во источна Украина и само ја ослабнала украинската одбрана долж фронтот. Зборувајќи на Источниот економски форум во Владивосток, Путин кажа дека руските сили постепено ги потиснуваат Украинците од Курск, каде што тие упаднаа на 6 август.
„Целта на непријателот беше да нѐ направи нервозни и загрижени и да ги префрлиме трупите од еден во друг сектор за да ја запре нашата офанзива во клучните области, првенствено Донбас. Дали тоа успеа? Не“, кажа Путин.
Тој додаде дека света должност на руските вооружени сили е да ги исфрлат украинските сили од Курск.
Иако упадот во Курск беше голем срам за Путин и за водството на армијата, Кремљ сега се обидува да го претстави како најголемата тактичка грешка на Киев во војната.
„Префрлајќи големи и добро обучени единици во тие погранични области, непријателот се ослабна себеси во клучните сектори и помогнаа да се забрзаат офанзивните операции на нашите трупи“, рече Путин.
Тврди дека руските сили сега освојуваат територија во источна Украина полесно од кога било и дека стапката на регрутирање во Русија расте.
„Ништо нема да ја запре нашата офанзива во Донбас“, порача Путин.
Володимир Зеленски кажа дека Украина не планира долго време да држи територија во Курск, туку оваа операција е дел од победнички план, што досега го нема објавено во целост.