Две лица се повредени од огнено оружје при обид за вооружен грабеж на продавница во Ново Село. Грабежот се случил околу два часот, при што жена со прострелна рана во стомакот е префрлена на клиниките во Скопје, а маж со прострелна рана во ногата е задржан во Струмичката болница. Напаѓачот е уапсен откако застреланиот маж успеал да го совлада и задржи до доаѓањето на полицијата.
„Денеска околу 02.00 часот, полициски службеници од СВР Струмица – Полициско одделение Ново Село го лишиле од слобода Д. С. (45) од село Долно Лакочереј, Охридско. Тој, околу 01.50 часот, носејќи пиштол, влегол во продажен објект во село Ново Село, Струмичко, со намера да изврши разбојништво, при што со пиштолот пукал кон сопружниците Б. М. (48) и М. М. (46). Тој бил фатен на местото на настанот и бил задржан во Полициската станица Струмица, а повредените биле пренесени во Медицински центар Струмица“, соопшти полицијата.
Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Струмица при што бил пронајден пиштолот и чаурите и против разбојникот напаѓач ќе биде поднесена соодветна пријава. Според информациите, станува збор за лице со криминално досие.