Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ќе обезбеди компјутери и обуки и курсеви на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства и мали групни домови.
Соработката меѓу Детскиот дом „11 Октомври“ и Фондацијата следи откако денеска потпишаа меморандум в. д. директорката на јавната установа, Розетка Влаховиќ и претседателот на Фондацијата Александар Марјановиќ.
Согласно договорот, Фондацијата се обврзува, со помош на донации од организации и индивидуалци, да им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, да им помага во подготовката за вработување и ќе реализира 1-на-1 менторска програма.
Детскиот дом пак, ќе се грижи за прием и доставување на компјутерите до своите штитеници и ќе обезбеди простор за изведување обуки, предавања и настани.
„Целта на сите овие активности е децата без родители и родителска грижа што подобро да се подготват за самостојно живеење, стекнувајќи знаења, вештини и поддршка во областа која самите ќе ја одберат“, велат од Фондацијата.
„Во духот на вредностите на мојот татко, Ѓорѓи Марјановиќ, на децата ќе им помагаме со сè што е потребно за да стекнат знаења, вештини и поддршка со кои ќе дојдат до достоинствена работа. На тој начин ќе ја оствариме и нашата цел, Македонија да им стане пристојно место за живеење“, вели Александар Марјановиќ.
Ѓорѓи Марјановиќ кој почина во април 2022 година и самиот бил дете сирак. Татко му бил убиен кога имал 6 месеци, а мајка му, доживеала нервен слом поради што морала да биде хоспитализирана. На возраст од 17 месеци бил даден на посвојување.