Камала Харис го стави својот ривал Доналд Трамп во дефанзива на нивната прва предизборна дебата, при што го нападна за неговата подготвеност за функцијата, поддршката за ограничувањата за абортусот и за неговите бројни проблеми со законот. Некогашната обвинителка ја контролираше дебатата од самиот почеток, успеа да му се вовлече под кожа и го поттикна видно нервозниот Трамп да возврати со низа лажни тврдења.
Двајцата кандидати си подадоа рака на почетокот, при што Харис му се претстави на Трамп и дебатата почна да се вжештува откако таа му кажа дека луѓето од досада порано си одат од неговите митинзи.
„Ние ги имаме најголемите митинзи. Нашите митинзи се најневеројатните во историјата на политиката“, рече Трамп и возврати со лажното тврдење дека имигрантите јадат домашни миленици во Охајо
„Тие јадат кучиња и мачки. Тие ги јадат домашните миленици на луѓето кои живеат таму“.
На осум недели до изборите, засега единствената закажана ТВ-дебата понуди ретка можност двајцата кандидати да ги изнесат своите ставови пред десетици милиони гледачи. Тие се судрија околу имиграцијата, надворешната политика и здравствената заштита, а силниот пристап на Харис успеа да го стави фокусот на Трамп, кој ги повтори лажните тврдења дека ги изгубил изборите во 2020 поради измама, а Харис ја нарече марксистка.
„Доналд Трамп не треба да ѝ кажува на жената што да прави со своето тело. Ви ветувам, кога Конгресот ќе усвои нацрт-закон за враќање на заштитата на абортусот, како претседател на САД со гордост ќе го потпишам законот“, кажа Харис.