ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА „БИТФЕСТ“, СЕ ИСПИТУВААТ НАВОДИТЕ ОД ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРИЈАВА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА „БИТФЕСТ“, СЕ ИСПИТУВААТ НАВОДИТЕ ОД ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРИЈАВАПријавата е поднесена затоа што Општина Битола без јавен повик туку со одлука на Комисија составена од вработени дозволила организацијата за отворањето на Битфест да му ја додели на Здружението „Мјузик арт“. (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство од Битола оформи предмет и ги испитува наводите во предистражна постапка, по поднесена кривична пријава за наводни законски неправилности во организацијата на отворањето на битолското културно лето „Битфест“ со музичкиот спектакл „Ѕвездена симфонија“. Пријавата е поднесена затоа што Општина Битола без јавен повик туку со одлука на Комисија за евалуација составена од вработени во локалната самоуправа дозволила организацијата за отворањето на „Битфест“ да му ја додели на Здружението „Мјузик арт“.

    „До Основното јавно обвинителство Битола уште во јули е доставена кривична пријава за настанот. Пријавата е распоредена кај јавен обвинител, оформен е предмет и обвинителот презема дејствија на проверки и ги испитува наводите. Кои дејствија се преземаат во претходна постапка, Јавното обвинителство не е во можност да споделува со јавноста пред наводите да бидат испитани, со цел заштита на постапките и доказите, како и почитувањето на презумпцијата на невиноста на пријавените лица“, одговорија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Службата за односи со јавноста при Јавното обвинителство.

    САКАМДАКАЖАМ.МК уште во јули годинава, веднаш по отворањето на „Битфест“, објави текстови дека организацијата на отворањето на „Битфест“ му била доделена на Здружението на граѓани „Мјузик арт“ без претходен јавен повик.

    „Битфест“ беше отворен на 3 јули на Градскиот стадион со големиот музички настан „Ѕвездена симфонија“ на која настапија познати музички ѕвезди и Камерниот пркестар од Битола.

    Од Општина Битола тогаш ни одговорија дека постапиле согласно позитивните законски прописи, па поради изборниот период немале можност за објава на јавен повик и затоа Комисијата за евалуација ги оценила доставените предлози. Таа изготвила записник и доставила извештај до градоначалникот со предлог да се доделат финансиски средства од 1,5 милиони денари со ДДВ на Здружението за афирмација на музичката уметност „Мјузик арт“ за реализација на проектот „Ѕвездена симфонија“ . Од Општината посочија дека ова здружение го застапува Камерниот оркестар „IW Connect“, кој на големиот музички настан ги придружуваше изведбите на најголемиот дел од музичките ѕвезди. Понудата на другиот субјект била многу повисока и изнесувала 3,5 милиони денари. Општината дала финансиска поддршка за „Мјузик арт“ во износ од 1,5 милиони денари. Но, на 7 јуни биле писмено известени дека настанот чинел 4.326.000 денари, за што разликата од 2.826.000 денари, здружението ја обезбедило од продажба на влезници и спонзорства.

    Но, претседателката на Советот Габриела Илиевска обвини дека се работи за криминална афера и јавно од советничката говорница го праша градоначалникот  Тони Коњановски дали знае дека „сосема случајно, избраното здружение да биде организатор на „Битфест“ е составено од два брачни пара и уште едно лице, сите членови на Камерниот оркестар, кој пак настапуваше на отворањето.

    „Дали знаете дека овластени лица на национална установа како што е Камерниот оркестар, кои имаат здуженија на граѓани, не смеат да земаат пари за себе од установата и од други државни иснтитуции? Дали знаете дека здружение на граѓани не може да застапува национална установа? Комисијата носеше одлуки за доделување на средства кога во исто време беа стигнати писма од Антикорупциска комисија и Министерство за финансии и дека целосно е забрането носење на вакви одлуки“, рече Илиевска.

    Со овој настан се потрошија сите средства кои претходно беа издвоени за„ Битфест“, па се бараа дополнителни со ребаланс на буџетот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира