Хип-хоп могулот Шон Диди Комбс е обвинет за сексуална трговија и рекетирање откако денеска беше отпечатено федералното обвинение против него, кое вклучува и други кривични дела, како киднапирање, принудна работа, измама и поткуп.
Тој беше уапсен вчера во Менхетн, шест месеци откако федералните власти извршија претрес на неговите имоти во Лос Анџелес и Мајами во рамките на истрагата за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.
Судските документи содржат и експлицитни детали, кои, меѓу другото, опишуваат како Комбс принудувал жртви на сексуална трговија да имаат групен секс со негови соработници, што понекогаш траело со денови. Тој притоа снимал видеа од сеансите, на кои жртвите често биле дрогирани.
„Со децении, Шон Комбс попознат како Паф Деди и Пи Деди злоставувал, се заканувал и принудувал други да ги исполнуваат неговите сексуални желби, да го штитат неговиот углед и да го прикриваат неговото однесување. Тој создал криминално здружение чии членови и соработници се вклучиле во бројни кривични дела, како трговија со луѓе, принудна работа, киднапирање, палење, поткуп и попречување на правдата“, стои во обвинението.
Адвокатот на Комбс, Марк Агнифило, изјави дека се разочарани со апсењето, додавајќи дека неговиот клиент е невин човек.
Правните проблеми за Комбс почнаа во ноември 2023, кога неговата бивша партнерка Касандра Вентура поднесе тужба против него за сексуален напад и злоставување, што потоа го направија уште неколку жени.