Монтажната болница кај Инфективната клиника во Скопје ќе ја користат Министерството за одбрана или Затворот „Идризово“ во Скопје, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари денеска беше во Клиничката болница во Штип и одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случува со монтажните болници кои се изградија за време на ковид пандемијата во 16 градови, Таравари рече дека има одлука од Владата за преземање на модуларната болница од страна на Министерството за одбрана, но дека треба амбуланта и за затворот „Идризово“.
„За модуларната болница на Инфективна клиника веќе има одлука на Влада со која таа болница треба да ја преземе Министерството за одбрана. Има и друга идеја бидејќи треба болница за затворот Идризово. Сега сме во дилема дали таа модуларна болница да ја пренесеме таму за да служи како амбуланта“, рече Таравари.
Министерот во јули најави дека ќе се отстрани модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје и на тоа место пак ќе се направи читална за студентите на Медицинскиот факултет.
Монтажната болница на местото на старите бараки кои ги користеа студентите, ја изгради велешки „Брако“ во мај 2020 за време на пандемијата на ковид-19, имаше 72 легла и се користеше за хоспитализирање на ковид-пациенти. За нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.
Т. ЈОВАНОВСКИ