Љупчо Палевски-Палчо со пукање во глава ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, кажа Обвинителството во воведните зборови на почетокот на судскиот процес. Како што кажа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ги планирале убиствата и на свиреп начин ги извршиле, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, им помогнал во грабнувањето.
Според Обвинителството, обвинетите прво го убиле Жежовски за да можат со неговото возило да ја грабнат Вања. Го убил Палчо со истрел во главата, а потоа го закопале во дупка.
Обвинетите ја грабнале Вања откако нејзиниот татко му дал на Палчо информации кога таа оди сама во школо, а целта била да се бара откуп. Како што кажа обвинителката, обвинетите пробале да ја киднапираат Вања на 24 ноември откако таткото му јавил на Палчо дека Вања сама ќе оди во школо, бидејќи сестрата нема прв час. Но, поради гужва во сообраќајот, задоцниле. Грабнувањето било извршено во понеделникот на 27 ноември, откако таткото му јавил на Палчо дека Вања ќе оди сама, а оваа информација ја знаел само тој.
„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале, ѝ ставиле трака на устата, ѝ ги врзале рацете и нозете со пластични стеги и ја ставиле во вреќата. Ѝ се заканувале за да не вика”, кажа обвинителката.
Потоа ја ставиле Вања во багажникот на колата, на Партизанска ѝ го скршиле телефонот за да нема сигнал и се упатиле кон Качанички пат. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка ја ставиле Вања со врзани раце и нозе. Палчо, според обвинителството, со пиштол преку перница пукал во главата на Вања и ја убил. Потоа го закопале телото, а колата ја запалиле.
По воведните зборови на обвинителството сите обвинети се изјаснија дека не се виновни за кривичното дело.
Пред почетокот на судењето, обвинителката Крстевска-Јосифовска побара јавноста да биде исклучена од целата расправа заради заштита на приватноста на мајката Зорица Ѓорчевска и сестрата на Вања, но судијата Ивица Стефановски не го прифати барањето.
А. АНТЕВСКА