СТРАНЦИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ ДВОЈНО ПОВИСОКИ ЦЕНИ И ВО МУЗЕИТЕ И СПОМЕН-КУЌИТЕ ВО ВЕЛЕС

    СТРАНЦИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ ДВОЈНО ПОВИСОКИ ЦЕНИ И ВО МУЗЕИТЕ И СПОМЕН-КУЌИТЕ ВО ВЕЛЕСВлезниата за странци чини 100 денари, а за домашни посетители 50; - Спомен-куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот. (Фото: СДК.МК)

    Покачени се цените за посетителите на музеите и спомен-куќите со кои раководи Народен музеј Велес. По 20 години, туристите ќе плаќаат поскапи влезници, и ќе чинат 20 денари за ученици, 50 за возрасни и 100 денари за странци. Oваа одлука е на Советот на Општина Велес, а по барање на Управниот одбор на Народниот музеј Велес.

    Досега цените беа 10 денари за ученици, 20 за возрасни и 50 денари за странци.

    „После 2004 ова е прво покачување на цените на влезниците. И тие досега беа симболични, дури некои посетители кога ќе им ги соопштеа вработените досегашните цени, со насмевка оставаа повеќе пари. Надлежни сме за 11 објекти. Спомен-костурницата е споменик од А категорија со редок мозаик, најголем во Македонија и таа заслужува да биде самостојна установа. Со досегашните цени не можеше ниту хигиенски средства за тековно чистење одржување да купиме, а не за повеќе. Оваа минимална корекција е потребна и нужна“ , кажа Ангел Коруновски, директор на Народен музеј Велес.

    Советот на Општина Велес едногласно ги усвои новите повисоки цени за влезници.

    Во изјавата во врска со истата пракса во Охрид странците да плаќаат поскапа влезница од домашните посетители, Министерството за култура и туризам вели дека нема надлежност да ја определува и утврдува висината на влезните билети во објектите и локалитетите. Одлука за висината на влезниците носат самите институции и Управните одбори согласно проценка на пазарот.

    „Во насока на афирмација на културното наследство и развој на туризмот и привлекување на странски туристи, Министерството се заложува за подобра промоција и презентација на нашето културно наследство и доколку ваквата разлика има негативна рефлексија, ќе вложи напори ова да биде надминато“, ни рекоа од кабинетот на министерот Зоран Љутков, кој инаку е велешанец и пред да стане министер беше претседател на Советот на Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира