Бугарскиот парламент денеска усвои Декларација во врска со системско и методично нарушување на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, поднесена од партијатата „Преродба“, со која се бара двете земји заеднички да прославуваат празници и да се изгради пругата од коридорот 8.
За декларацијата гласаа 170 бугарски пратеници, немаше против или воздржани.
Декларацијата се состои од три точки. Првата е повик до македонската влада да ја изгради трасата од паневропскиот коридор 8 на македонска територија.
Втората точка е повик за продолжување на прекинатиот дијалог и запирање на „антибугарска кампања и провокативни изјави“.
Третата точка е потврда на волјата на бугарската држава за организирање на заеднички чествувања на „заеднички историски настани и личности“ и несогласување со „одрекувањето од заедничката историја на Македонија и Бугарија од страна на членови на македонската влада“.