Водечките унгарски опозиционери побараа оставка од еден од најблиските соработници на премиерот Виктор Орбан, откако тој кажа дека за разлика од Украина, Унгарија не би се бранела од руска инвазија.
Балаш Орбан, кој не е во роднински врски со премиерот, кажа дека Володимир Зеленски донесол неодговорна одлука кога се решил за воена одбрана на земјата откако Русија лансираше целосна инвазија во февруари 2022.
„Унгарија ја научи лекцијата од антисоветското востание во 1956 дека драгоцените унгарски животи треба да се третираат со внимание, место да се нудат за одбрана. Секоја земја има право сама да решава за својата судбина. Но, имајќи го предвид искуството од 1956, ние не би го направиле она што Зеленски го направи пред две и пол години зашто тоа беше неодговорно“, изјави Балаш Орбан.
Повеќе од 3.000 цивили загинаа откако Црвената армија упадна во Унгарија во 1956, при што беше уништен голем дел од Будимпешта.
Петер Маѓар, лидерот на најсилната опозициска партија во Унгарија, кажа дека Орбан со своите изјави ги понижил илјадниците унгарски борци за слобода, кои, за разлика од него, биле спремни да ги жртвуваат своите животи за слободата и независноста на својата земја.
Балаш Орбан е политички директор на кабинетот на Виктор Орбан и еден од неговите најблиски соработници. Тој има клучна улога во осмислувањето на голем дел од надворешната и домашната стратегија на Унгарија.