Неквалитетната изведба била причината за повторното асфалтирање на дел од улицата Алексо Демниевски-Бауман во Велес, рече градоначалникот Марко Колев по реакциите во јавноста откако изминатите денови се стругаше асфалтот во еден дел и повторно се асфалтираше.
„На делот кај аптеката имаше брановидна, нерамна површина. Тоа се чувствуваше при управување со возило. Дополнително, кај Ликовен салон имаше флеки, кои се испитаа и се потврди дека нема доволно збиеност на асфалтот и има шуплини. Кога ќе заврне или во зима кога ќе фати мраз, тој се шири и за најмногу две години тој коловоз ќе беше распаднат. Затоа, надзорот одлучи на товар на изведувачот да се асфалтира повторно. Не на товар на Општината. Затоа и така е направено. Тоа е грешка на изведувачот, градоначалникот не прогледа низ прсти“, кажа Колев на прес-конференција.
Истата фирма ги работела и улиците Борис Трајковски, Димитар Влахов и Раштански пат од „Брако“ до „Киро Ќучук“, за што локалната власт немала забелешки. Од „Киро Ќучук“ до Ветеринарата станица ќе се работи догодина, откако деновиве ќе се заврши асфалтирањето на улицата Луј Пастер.
П. ПЕЧКОВ