МАРИЈА ПРИЧКОВА-МИТЕВА Е НОВА ДИРЕКТОРКА НА ЗАВОД И МУЗЕЈ ШТИП

    МАРИЈА ПРИЧКОВА-МИТЕВА Е НОВА ДИРЕКТОРКА НА ЗАВОД И МУЗЕЈ ШТИППричкова-Митева речиси десет години работи во Музејот како стручна советничка по геологија, а доаѓа на местото на Митко Штерјов. (Фото: СДК. МК)

    Министерството за култура и туризам ја назначи Марија Причкова-Митева за в. д. директорка на Завод и Музеј Штип. Причкова-Митева речиси десет години работи во Музејот како стручна советничка по геологија, а доаѓа на местото на Митко Штерјов.

    „Планирам да ги реализирам проектите што ќе бидат одобрени и за 2025  за што веќе постои наша апликација, а за наредната 2026  имам визија и за други нови проекти затоа што нашето подрачје не е докрај археолошки и геолошки истражено, располага со разни камења и други археолошки остатоци и предмети чија старост и содржина е мошне важно да се утврди, па во тој поглед се создаваат можности за нови проекти. Нашето поле на работа во иднина е широко, посебно ако се земе предвид дека Заводот за заштита на спомениците и Народен музеј Штип го покрива и подрачјето на Општина Карбинци, а имаме одлична соработка и со останатите Општини во регионот“, вели Причкова-Митева.

    Штерјов, кој е доктор по археолошки науки, седум години беше на оваа функција. Тој вели дека уште пред еден месец, од лични причини поднел оставка и најавил дека останува во Музејот да работи како археолог конзерватор-советник за да може да ги заврши започнатите проекти.

    „Музејот во Штип го оставам без никакви финансиски обврски, а со повеќе завршени проекти. За седум години зааедно со целата екипа во Музејот реализиравме повеќе проекти од кои најважни беа новото црковно наоѓалиште во подножјето на тврдината Исар во Штип кое веќе прерасна во археолошка и туристичка атракција, потоа Билазора кај Свети Николе и археолошкото наоѓалиште Градиште, неколку проекти на локалитетот Баргала од кои последниот беше за современо осветлување, а во тек на реализација се уште неколку други“, вели Штерјов.

    Примопредавањето на функцијата се изврши вчера кога стариот и новиот директор се договорија заеднички да се завршат започнатите проекти кои се во програмата за оваа година.  Подготвена е историската изложба на фотографии од Штип во чест на 80-годишната од ослободувањето на градот на 8 ноември 1944.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира