Меѓународната федерација на винските братства му додели почесна диплома на Светозар Јаневски, претседателот на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ и на здружението „Вина од Македонија“. Тој е првиот добитник од Македонија на ова престижно признание.
Како што е кажано, Јаневски е награден за силна посветеност кон развојот, модернизацијата и афирмацијата на македонското винарство, градење на македонската винска култура и за промоција на македонското вино на глобалниот пазар.
„Секој успех и достигнување почнуваат со визија, а за нејзина реализација треба многу упорност, работа и знаење. Мојата визија кога започнав да делувам во винскиот бизнис беше да создадам македонски производ кој ќе биде на исто рамниште со најпрестижните вински брендови. Бев уверен дека не е важно дали бизнисот се наоѓа во мала или голема земја, туку дека важни се луѓето и идејата која ги обединува. Денес можам со задоволство да кажам дека ние го живееме нашиот сон, нашата визија стана реалност. Ова признание за мене е поттик да поставам нови цели и да се стремам кон нивно достигнување“, кажа Јаневски, примајќи ја наградата.
Меѓународната федерација на вински братства е основана во 1964 година, има седиште во Париз и е посветена на промоција, едукација и унапредување на винската култура и презентација на нови вински региони. Член на оваа федерација е и Конзулатот на вински витези на Македонија, основан во 2004.
Доделувањето на почесната диплома се одржа во рамките на одбележувањето на 5 октомври – Светскиот ден на вранецот во Националната опера и балет во Скопје.
Здружението „Вина од Македонија“ го одбележа Светскиот ден на вранецот, водечката регионална автохтона сорта и дел од нашето национално винско наследство во Националната опера и балет во Скопје, со Вински салон на кој се дегустираа вина од сортата вранец, претставени од 20 македонски винарници членки на Здружението „Вина од Македонија“ и на Здружението „Македонски семејни винарии“.
Во рамки на манифестацијата, специјален концерт одржа минатогодишниот Амбасадор на вранецот Казухиро Котетсу, кој е основач на Токискиот камерен оркестар „Вранец”. Тој изведе серија македонски традиционални песни во придружба на Битолскиот камерен оркестар.
„Сите ние, македонските винарии сме тука за да покажеме и докажеме дека и покрај соочувањата со предизвиците, можеме да ги надминеме со соработка и посветеност. Светскиот ден на вранецот од иницијатива за популаризација на оваа сорта прерасна во традиција, со чија помош, македонското вино го позиционираме на светската винска мапа. Ќе ни треба уште долг пат“, рече Јаневски.