Здравствените установи „Св. Еразмо“ и „Св. Стефан“ во Охрид ги подобрија здравствените услуги за пациентите од државата и регионот преку реализацијата на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, реализиран од Министерството за локална самоуправа со поддршка на владата на Швајцарија. Во болницата „Св. Еразмо“ е опремен современиот центар за физикална терапија, додека во ЈЗУ Кардиологија „Св. Стефан“ извршени се реконструкција на објектот, дигитализација со нов софтвер и набавка на ехо апарат.
„Инвестицијата во ‘Св. Еразмо‘ е насочена кон подобрување на квалитетот на услугата преку набавка на нова опрема која овозможува подобрување на рехабилитацискиот дел, односно набавена е опрема за хидромасажа и физикална терапија. Во специјализираната кардиолошка болница ‘Св. Стефан‘ набавивме ехо апарат кој ги подобрува можностите и третманот на пациентите и го подигнува квалитетот на услугата која пациентите ја добиваат во оваа установа“, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Квалитетните услуги во здравството, според него, придонесуваат за развојот и зголемувањето на здравствениот туризам.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кажа дека прераснувањето на градот во центар на здравствениот туризам во регионот е повеќе од очигледен, не само со значењето на овие две болници, туку и со инвестициите кои во овој период се направени.
„Зборувавме многу за терапиите кои можат да се добијат во оваа болница, како и во Кардиолошкиот центар, кои се подобрени сега. Сакам да потенцирам дека е направено инфраструктурно подобрување со цел да се намалат трошоците со користење на обновлива енергија, што на долгорочен план ќе ги намали трошоците за енергија на болницата и ќе се добијат одржливост и подобрување на услугите за граѓаните. Ова е уникатна комбинација која треба да се примени и во други места“, рече Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман
Директорот на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба, посочи дека Одделот за физикална терапија е опремен со две нови галвански кади, лифт и апарат за криотерапија, додека во Кардиолошкиот центар интервенции се правени во енегретската ефикаснот на објектот, извршена е дигитализација со нов софтвер за следење на пациентите во реално време и набавка на ехо апарат.
С. ВРЕНЦОВСКА