ОД „БУШАВАТА АЗБУКА“ КУПИВ ФИЌО, СЕГА ОД ХОНОРАР НЕ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ НИ ТОЧАК – ПОДКАСТ СО АКТЕРОТ ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ

    ОД „БУШАВАТА АЗБУКА“ КУПИВ ФИЌО, СЕГА ОД ХОНОРАР НЕ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ НИ ТОЧАК – ПОДКАСТ СО АКТЕРОТ ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ

    Неговото семејство не ни знаело дека студира глума, а кога се емитувала првата серија во која имал улога, ја скинал жицата од антената на покривот за родителите да не го видат на телевизија. Ова во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК го откри актерот Јовица Михајловски, годинашниот добитник на државната награда за животно дело „11 Октомври“ од областа на културата и уметноста.

    Подкастот, по негов предлог, ги снимивме во Могилата на непобедените и некогашниот Участок (полициска станица) во Прилеп, каде на 11 Октомври 1941 започнало востанието за слободна Македонија. Вели дека наградата го исполнува со гордост, но присутно е и горко чувство на неизвесност со оглед на сите предизвици пред кои е исправена државата. На крајот, поздрави со „Смрт на фашизмот, да живее слободна Македонија!“.

    Михајловски мина безмалку 40 години на сцената на Драмскиот тетатар во Скопје играјќи бројни улоги, исто толку години е составен дел од македонската кинематографија. Скоро и да нема македонски филм или ТВ серија во која тој нема улога. Ретко кој го вика по име, туку по улогите Змија, Кумплунг, Лаки, Ќелавко, Ноне, Цире… Гостуваше и во нашата редакција како Јово Пропаст, во серијалот „Ти ќе ми кажеш“, како коментар инспириран од колумната „Сакам да кажам“ на брат му Горан Михајловски.

    Вели дека го фатил доброто време за театарот кога се ценел квалитетот на уметниците. Толку си ја сакале професијата што цел ден го минувале во театарот. На ден играле по три претстави, наутро детска, па проба, па вечерна, а потоа кабаре, па прослава на нечиј роденден. Дома оделе само за да се истушираат. Живееле како една голема фамилија.

    „Во годините кога ја градев кариерата, имаше театар со луѓе кои размислуваа исто, се разбираа со поглед, делеа исти вредности. Имаше процес на селекција и изучување на занаетот, како се доаѓа до главна улога. Не може главна улога по политичка наредба како сега што е. Ако е близок до некоја партија може одма до некоја улога да се добере. Партизацијата е најпогубното нешто што ѝ се случи на нашата држава. Сигурно така не ја замислувале жртвите на кои им се оддава почит за 11 Октомври. Но, откако настапи демократијата пред 30 години се растурија темелниоте вредности и се донесоа нови, верност кон партијата“, вели Михајловски.

    Покрај изместените вредности, проблем е и што актерството денес не е добро платена професија.

    „Колку им е добро на моите колеги Бред Пит, Џорџ Клуни кои за една улога земаат по 5 или 10 милиони долари. Не ни се колеги по парите, ние сме овде испосници. Работиме само од љубов. Доаѓа дека работата ни е хоби. Се сеќавам дека од ‘Бушавата азбука’ јас купив фиќо, старо, но го купив, сега не можам да замислам од еден хонорар ни точак да купам“, рече Михајловски.

    По раѓање е битолчанец, по лична карта живее во Скопје, а пензионерските денови ги минува во Охрид.

    „Скопје веќе не е ни мој град зашто е толку обезличен, деформиран. Тоа нити се улиците по кои сум растел, тоа ниту е плоштадот по кој сум излегувал како тинејџер, тоа не е ни мојот театар каде ја направив мојата кариера. Се е обезличено, со некои нови вредности кои мене ми се туѓи“, вели Михајловски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    (Видео: З. Јосифовски, монтажа: Г. Трсунов)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира