ЏАБЕ ИМАТЕ БОЛНИЧКО ВОЗИЛО АКО НЕМА ЕКИПА, ВЕЛИ Д-Р ЕЛИЗАБЕТА ПЕТКОВСКА ЗА ТРАНСПОРТОТ НИЗ БОЛНИЦИТЕ

    ЏАБЕ ИМАТЕ БОЛНИЧКО ВОЗИЛО АКО НЕМА ЕКИПА, ВЕЛИ Д-Р ЕЛИЗАБЕТА ПЕТКОВСКА ЗА ТРАНСПОРТОТ НИЗ БОЛНИЦИТЕ„Транспортот треба да биде адекватен со екипи кои веќе беа направени, но не профункционираа и тие возила треба да бидат правилно распределени“, вели д-р Петковска. (Фото: Принтскрин од видео)

    Затајува системот за транспорт на пациенти низ болниците, тој не функционира за време на вечерните саати или за време на 24-часовно дежурство, рече денеска специјалистката- неонаталог д-р Елизабета Петковска од Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. Д-р Петковска говореше на прес-конференцијата во Министерството за здравство, во својство на членка на комисијата која изврши надзор врз лекувањето на 14-месечното девојче кое почина на 5 октомври на Клиниката за детски болести, откако претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“

    Министерот Арбен Таравари кажа дека стручниот надзор утврди пропусти од 3 типа: системски, технички и во однос на стручноста. Еден од техничките пропусти е потреба од унапредување за организирање на транспортот од една до друга установа.

    „Транспортот треба да биде адекватен со екипи кои веќе беа направени, но не профункционираа и тие возила треба да бидат правилно распределени. Не мора сите да бидат на Клиниката за детски болести, затоа што вие ако во тој момент немате возач, нема кој да го донесе детето. Џабе е возилото“, рече д-р Петковска.

    Таравари кажа дека извештајот од комисијата ќе биде испратен до двете клиники и до Етичката комисија во Лекарската комора и оти се надева дека ќе биде разгледан сериозно и ќе се преземат мерки.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира