Изложбата „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ – Скопје“ од денеска е отворена во Музејот на современа уметност (МСУ). Куратори на поставката, која ќе трае до 3 ноември, се: Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец и Ива Димовски. Исто така, дел од тимот на МСУ кои работеа на изложбата и на каталогот се и Јулија Манојлоска, Јадранка Милчовска, Љупчо Иљовски и Нада Прља.
Според кураторите изложбата „Откривања“ претставува избор од слики, графики, фотографии, таписерии и мозаик, создавани во период од 1937 па сѐ до 2006, од повеќе генерации шпански уметници кои живееле и создавале во Шпанија, но и надвор од неа.
Претставени се вкупно 39 дела на 26 уметници, вклучувајќи 27 дела од 19 уметници од Шпанската колекција на МСУ-Скопје (Р. Каногар, М. Милјарес, Лиза Рехштеинер, Луис Ортега, Жерар Ломен, Хозе Луис Галиција, итн), како и 6 дела од 4 уметници со шпанско потекло или родени во Шпанија (Изабел Понс, Х.Рабаскал). Исто така, како надополнување,во изложбата се претставени и 6 дела од 3 уметници инспирирани од Шпанија (Албер Сулилу од Франција; Бруно Талпо од Италија и Иво Вељанов од Македонија).
„Изложбата ја надополнува и изборот на документи, каталози и фотографии од архивата на МСУ-Скопје, кои го осветлуваат контекстот во кој се создавала колекцијата на МСУ и го регистрира шпанскиот придонес во неа“, велат кураторите.
Со оваа изложба се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Шпанија и Македонија. Изложбата е резултат на соработката на МСУ – Скопје и Амбасадата на Шпанија во Р.С. Македонија и претставува дел од одбележувањето на 12 Октомври – Националниот ден на Шпанија.
„По скопскиот земјотрес во 1963 и основањето на МСУ-Скопје во 1964, се забележува придонесот и на шпанските уметници, што преку директните контакти, низ годините резултирал со една забележителна збирка донации. Таа била и дополнително проширувана, а уметници од Шпанија се вклучени и во некои од современите изложби“, велат од МСУ.
Според кураторите, досега Шпанската колекција не е посебно претставена, и со ова се прави првиот пообемен издвоен преглед, преку изложба и издавање на публикација што ги опфаќа авторите од шпанската колекција, како и авторите со шпанско потекло. Во последниве 30 години, некои од уметничките дела се за првпат изложени пред јавноста.