Ристе Самарџиев, поранешен началник на СВР Велес, сведочејќи за исчезнувањето на Панче Жежовски од Велес, киднапиран и убиен за возилото цитроен кој на Љупчо Палевски и останатите тројца обвинети им требало да ја киднапираат Вања Ѓорчевска, кажа дека првин го лоцирале мобилниот телефон на жртвата. Тоа било третиот ден од исчезнувањето. Кога потоа го нашле и запалениот цитроен во околината на Скопје, сфатиле дека човекот е можеби убиен.
На прашање на обвинителката на денешното судење за двојното свирепо убиство, тој одговори дека уапсениот Велибор Манев ги однел кај запаленото возило.
Потоа кажа дека Велибор му го кажал местото каде е закопана Вања. Потоа, го посочил и местото каде што е закопан Панче. Тоа било место викано „Дупка”. Навистина бил непристапен терен, дупка обрасната со дрвја. Пожарникарска служба им помогнала да го извадат телото.
„Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил, му пукал со пиштол во тилот. Пронајдена беше и чаурата”, сведочеше Самарџиев.
На прашање на судијата, сведокот кажа дека мобилниот телефон му го пронашле 4-5 дена по пријавување на исчезнувањето.
„Кога ја видовте снимката од бензинската пумпа на која се гледа Панче во автомобилот ден пред да го грабнат?”, праша судијата.
„Тие снимки ги гледаа и ги анализираа надлежните колеги и мислам дека тоа беше веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Панче“, одговори тој
Судењето продолжува во петок, со нови сведоци на обвинителството.
- ТАТКОТО НА ВАЊА ЗБОРУВАЛ ДЕКА ПОЛИЦИЈАТА ЏАБЕ БАРА, ЌЕРКА МУ Е КИДНАПИРАНА И УБИЕНА И ОТИ ТРЕБА ДА БАРААТ МАФИЈАШИ ШТО БАРААТ ОТКУП
- КЕШИШЕВ НИ РЕЧЕ КОПАЈТЕ ТАМУ КАЈ ПЕРНИЦИТЕ И КОГА СЕ ВИДОА ВЕЃАТА, НОСОТ И ЕДНАТА НОГА НА ДЕВОЈЧЕТО, ПРЕСТАНАВМЕ ДА КОПАМЕ, СВЕДОЧИ ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК КАКО ЈА НАШЛЕ ВАЊА
- АЛЕКСАНДАР ОД ПРВ МОМЕНТ ТВРДЕШЕ ДЕКА ВАЊА Е КИДНАПИРАНА, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА ЗОРИЦА ЃОРЧЕВСКА
- НЕ ГО ПОЗНАВАМ ПАЛЕВСКИ ЛИЧНО, НО ЗНАМ КОЈ Е, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА НА УБИЕНАТА ВАЊА
Првообвинет за двојното свирепо убиство е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишев и Боре Видевски и Велибор Манев.
Според обвинението, прво на 22.11.2023 обвинетите извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .
С. К. ДЕЛЕВСКА