Вечерва започнува 43. издание на Скопскиот џез фестивал, кој ќе донесе серија ексклузивни концерти во четиридневната програма.
Отворањето е со француско-американската пејачка Сесил Меклорин Салвант, која ќе настапи од 20 часот во Националната опера и балет. „Њујорк тајмс“ ја прогласи 35-годишната Меклорин Салвант за најдобрата џез пејачка во изминатата деценија, која има специфичен пристап кон музиката, комбинирајќи елементи на џез, блуз и фолк, како и од театарската и барокната традиција.
Меклорин Салвант досега има објавено седум албуми, за кои освои три награди Греми.
Од 23 часот е концертот на македонскиот бенд „Некст ту сајленс“ во Младински културен центар. Тоа ќе биде и концертна промоција на неговиот нов албум „Рух“.