Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска на Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Здружението на контролори на летање на Македонија, што се одржува за првпат кај нас, кажа дека Владата размислува за воведување на интерконтинентални летови.
Идејата е од Меѓународниот аеродром Скопје да се организираат директни прекуморски интерконтинентални летови и тој да биде единствен таков аеродром во регионот.
„Веќе почнавме да работиме на тоа и сметам дека е огромна амбиција, но ќе имаме голем бенефит од неа. Ќе биде од огромна важност за земјава, бидејќи имаме огромна дијаспора која сака да лета директно од Скопје, но исто така и за привлекување на нови туристи и тоа не само во земјава, туку и во регионот“, рече Николоски.
Во врска со настанот, кажа дека контролата на летање е специфична професија која бара одлично образование и висока професионалност.
„Мило ми е што Македонија има привилегија да биде домаќин на овој европски регионален состанок на Асоцијацијата за контрола на летање, на кој верувам дека ќе бидат изнесени нови искуства и практики во овој сектор. Највисоките стандарди мора да се применуваат во вашата професија, бидејќи не се дозволени грешки и не е дозволен никаков волонтеризам. Токму затоа ние сакаме да ги поддржиме нашите домашни, но и интернационални професионалци во овој сектор“, рече Николоски на отворањето на Европскиот регионален состанок IFATCA ERM.
С. К. ДЕЛЕВСКА