СЕ ЗАТВОРА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ ВО ПАПРАДИШТЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАШКА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ИМА ЈАВЕН ПОВИК ЗА НЕГОВО ИЗНАЈМУВАЊЕ ИЛИ КУПУВАЊЕ

    СЕ ЗАТВОРА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ ВО ПАПРАДИШТЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАШКА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ИМА ЈАВЕН ПОВИК ЗА НЕГОВО ИЗНАЈМУВАЊЕ ИЛИ КУПУВАЊЕ„Зелена сила“ стопанисуваше со објектот од 2004 и со проект финансиран од Светска банка го преуреди и реновираше (Фото: СДК.МК)

    До крајот на месецов планинарскиот дом во Папрадиште треба да се испразни и досегашниот корисник, еколошкото друштво „Зелена сила“, да се исели. Така пишува во писмото што локалната власт, која е сопственик на објектот, го испратила до невладината организација.

    Објектот на старото, ограбено, заборавено, уништено и повеќе од четири децении напуштено поранешно училиште блесна во прекрасен планинарски дом, кој низ децениите стана прибежиште на илјадници планинари од четири континенти, но сега мора да го напуштиме. По 20 години макотрпна работа, нашиот концесиски договор со Општина Чашка истече. Без тој планинарски дом денес е незамислива ниту една планинарска и топографска карта“, кажа Игор Смилев, поранешен претседател на ЕД „Зелена сила“.

    Тие стопанисуваа со објектот од 2004 и со проект финансиран од Светска банка го преуредија и реновираа за да стане омилено место за престој на планинари и љубители на природата. Договорот истекува до крајот на месецов и тие мора да ја напуштат поранешната училишна зграда во селото, сега планинарски дом.

    Ги изградивме канализацијата и плоштадот во селото со сопствени средства, маркиравме километри планинарски патеки по Јакупица. Го оживеавме селото Папрадиште, кое го вративме на мапите за алтернативен туризам. Ги вративме посетителите и туристите во Папрадиште и бевме добри домаќини“, додава Смилев.

    Градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, вели дека договорот заврши, а Советот на Општината ќе одлучи што понатаму со објектот.

    Минаа 20 години од договорот, заврши рокот за користење. За овој период, согласно договорот, корисникот за негово располагање не плаќаше ниту денар. И да сакам не можам да дозволам да се користи и натаму, бидејќи правам дело кое може да се санкционира. Советот може да реагира или друга институција. Затоа објектот прво ќе биде проценет, па Советот на Општина Чашка ќе одлучи дали ќе го даде на изнајмување или продажба. Кој сака потоа ќе може да конкурира на јавен повик за натамошно користење или купување“, рече Стојановски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира