Западен Балкан оствари забележителен напредок на евроинтегративниот пат неодамна, откако од Самитот на Берлинскиот процес (14 октомври) произлегоа нови договори, а Албанија и формално ги почна пристапните преговори со втората меѓувладина конференција на 15 октомври, се вели во анализата на тинк тенкот Советничка група за политики за Балканот во Европа (БиЕПАГ).
Албанската влада ја зацврсти преговарачката позиција и покрај повиците за транспарентност од граѓанските организации. Јавноста беше изненадена, откако во заклучоците на Европскиот совет во јуни не се спомена кандидатурата на Албанија.
На прес-конференција во Брисел, по повод втората меѓувладина конференција, албанскиот премиер Еди Рама изрази разочарување што Северна Македонија не напредуваше, иако прва го почна процесот и дури го смени името.
Додека Рама се надева на членство на Албанија во ЕУ до 2030 година, опозициските лидери ги поддржуваат пристапните преговори, но ја критикуваат подготвеноста на Албанија, забележувајќи дека не ги исполнува критериумите на ЕУ, освен геостратешката важност.
На меѓувладината конференција, ЕУ постави амбициозни одредници за Албанија, со фокус на реформи во борбата против корупција и судската независност. Албанија предложи мерки за забрзан пристап, но во одговорот ЕУ побара подлабоки и поконкретни реформи место брз пристап. Брисел јасно стави до знаење дека нема да биде замаен од политички маневри, посебно во врска со судските реформи, инсистирајќи на одржлив напредок со транспарентност, ефикасност и одговорност.
Албанските граѓани и граѓанското општество ќе играат клучна улога да се осигура дека преговорите со ЕУ ќе доведат до вистински и трајни подобрувања. Додека процесот нуди јасен патоказ и помош однадвор, успехот на реформите ќе зависи од активното учество на јавноста, одговорност и посветеност на демократските принципи.