ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ЖАЛБИ ПО ЈАВНИ НАБАВКИ ЌЕ СЕ РАСПУШТА ПО БРЗА ПОСТАПКА

    ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ЖАЛБИ ПО ЈАВНИ НАБАВКИ ЌЕ СЕ РАСПУШТА ПО БРЗА ПОСТАПКАВаквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите, реагираше Платформата против корупција (Фото:СДК.МК)

    Државната комисија за жалби по јавни набавки да се распушти по брза постапка и да се избере нова од страна на новото парламентарно мнозинство, изгласаа денеска пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од нивната коалиција, за предвремено прекинување на мандатот на членовите и на претседателот на овој независен државен орган.

    „Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите“, реагираше остро Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

    Според Платформата, „престанокот на мандатите на претседателите и на членовите на овие комисии пред истекот, се прави со итни законски измени, предложени од група пратеници, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации. Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт“.

    На пленарната седница на 17.09.2024 година, парламентарното мнозинство не го прифати Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Собранието донесе заклучоци со кои констатираше дека во 2023 година Комисијата не ги реализирала активностите потребни за обезбедување на брза, објективна и ефикасна правна заштита во постапките за јавни набавки и дека не ги постигнала очекуваните цели,приоритети и резултати.

    Така се отвори патот пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Валентина Марчевска, Драган Ковачки, Драгана Арсова, Жаклина Пешевска, Зоранчо Јованчев, Љупчо Пренџов и Марија Петрушевска, да напишат закон со кој ќе престане мандатот на актуелната комисија за жалби по јавни набавки и ќе се избере нова, од оваа власт.

    Тоа тие го решиле со предложените измени во член 6 и член 7.

    Член 6: (1) На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Собранието на Република Северна Македонија објавува јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

    (2) Огласот од ставот (1) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија од кои еден од весниците кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик а рокот за пријавување е десет дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

    Член 7: Со именувањето на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки согласно одредбите од овој закон, им престанува мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки кои се именувани согласно со Законот за јавните набавки (*) („Службен весник на Република Македонија“ број 24/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 87/21).

    Платформата против корупција апелираше до пратениците да не ги гласаат предложените измени, но тие од владејачкото мнозинство денеска гласаа за носење на измените по брза постапка, без дебата.

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на изгласаните измени и дополнувања, како и на предлозите за нови измени на законите со кои што предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државната комисија за одлучување во управна постапка.

    Платформата укажува дека резултатите од работењето на овие комисии можат и треба да бидат предмет на јавна дискусија, на широка јавна расправа и да водат кон барање на решенија за унапредување на нивното работење, но не и да претставуваат основа за брзи, партиски и груби интервенции за засилување на политичката концентрација на моќ и влијание.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира