ГРАДСКАТА КОМУНАЛНА ФИРМА БЕСПЛАТНО ЌЕ ГО СОБИРА КАБАСТИОТ ОТПАД ВО ТЕТОВО И ЌЕ ГО НОСИ НА СОБИРЕН ПУНКТ

    ГРАДСКАТА КОМУНАЛНА ФИРМА БЕСПЛАТНО ЌЕ ГО СОБИРА КАБАСТИОТ ОТПАД ВО ТЕТОВО И ЌЕ ГО НОСИ НА СОБИРЕН ПУНКТВо Центарот за собирање кабаст отпад ќе можат да го остави овој вид отпад. (Фото: СДК.МК)

    Стар мебел, фрижидери, шпорети, и друг кабаст отпад кој досега тетовци го оставаа покрај контејнерите, на улиците, а не ретко го фрлаа и во коритото на реката Пена, сега бесплатно ќе се подига од нивните домови. Фирмата „Саубмархер“, која од февруари годинава менаџира со отпадот во Тетово и Општина Тетово, отвори Центар за собирање кабаст отпад на кој граѓаните ќе можат да го оставаат овој вид отпад,  а ако станува збор за поголема количина можат да повикаат возило од фирмата кое отпадот бесплатно ќе го однесе од нивните домови.

    „Сега граѓаните ќе можат сите видови кабаст отпад кој досега се фрлаше покрај контејнерите, но и на улиците, да го донесат тука. Ако граѓаните не можат да го донесат кабастиот отпад до овде, ние донесовме одлука на Совет за да може со возило да одиме до нивните домови и од таму да го земеме отпадот без граѓаните да плаќаат за тоа. Важно е сите да работиме заедно за да имаме почист и поевропски град, односно да бидеме град со нула отпад“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Касами рече и дека оние граѓани кои неодговорно се однесуваат и го фрлаат отпадот надвор од контејнерите ќе бидат регистрирани со камери кои ќе бидат поставени на повеќе клучни места во градот.

    „Во наредниот период продолжуваме со поставување камери на неколку критични точки во градот каде се фрла ѓубре и така ќе се идентификуваат несовесните граѓани кои не го фрлаат ѓубрето во контејнерите. Покрај ова, во градот се поставени неколку контејнери кои се наменети за одлагање на електронски отпад“, рече Касами и најави дека наскоро ќе излезе со податоци против колку граѓани се преземени мерки поради неправилно фрлање на отпадот.

    Тој апелелира до полицијата и Судот посериозно да ги земаат во предвид ваквите прекршоци и да се изрекуваат посериозни мерки, за да се спречи граѓаните и понатаму да однесуваат неодговорно кон одложувањето на отпадот.

    Од „Саубмахер“ велат дека за поефикасно собирање и транспорт на отпадот потребно е и поголема опфатеност.

    „Оваа локација на која ќе се одложува кабастиот отпад ќе биде отворена од понеделник до сабота од 8 до 16 часот. Во првата фаза ќе се собира крупниот отпад, пластика, хартија и електронски отпад. Ако овој центар за собирање отпад биде добро прифатен од граѓаните, размислуваме да отвориме уште еден на друга локација во другиот дел од градот. Одложувањето на отпадот ќе биде бесплатно за секој граѓанин кој редовно ги подмирува сметките кон ‘Саубмахер’. За жал, сега наплатата на сметките не е таква каква очекувавме и изнесува само третина од вкупните сметки, а со толку мала наплата не може да има долгорочен развој, па можно е во наредниот период и да се преземат казнени мерки за несовесните корисници на нашите услуги“, рече Роберт Ќаиќ, директор на „Саубмахер“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира