Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против пет физички лица и едно правно (јавна установа национален парк „Пелистер“ од Битола) за кривичното дело Пустошење шума од член 226 од Кривичниот законик. За истиот настан е поднесено обвинение и против одговорно лице – в. д. директор во Националниот парк, кој се товари за кривичното дело Несовесно работење од член 353, став 5, во врска со став 4 од Кривичниот законик.
За истиот случај САКАМДАКАЖАМ.МК известуваше во ноември минатата година и објави фотографии од исечената ендемична молика. Тогаш директорот на Националниот парк Малиќ Шемшедини изјави дека сечата била согласно десетгодишниот план за одгледување шуми.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека во точно неутврден датум во периодот од крајот на септември 2023 до 9 октомври 2023, во близина на местото Голема Ливада во рамките на Националниот парк „Пелистер“, петтемина први соизвршители во име и за сметка на обвинетото правно лице кое стопанисува со НП „Пелистер“, спротивно на Законот за шумите, сечеле шума во националниот парк.
Врз основа на усна наредба на двајцата првообвинети, останатите тројца шумски работници, без претходно одобрение и извршен преглед на ознаката за сеча од овластен инспектор за шумарство од Државниот инспекторат за шумарство, бесправно исекле 85 стебла молика и 24 стебла ела во вкупна количина на дрвна маса од 168,63 кубни метри, со намена за нивна продажба како дрвна маса во име и за сметка на обвинетото правно лице, ЈУ Национален парк „Пелистер“.
„В. д. директорот на Националниот парк ‘Пелистер‘ од небрежност, со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапувал при вршење на своите овластувања и должности и не ги обезбедил законитоста и соодветното управување во работењето на Националниот парк ‘Пелистер‘. Тој бесправно исечените дрвја и друга дрвна маса, за која нема доказ дека е сечена согласно закон, ги продавал во име и за сметка на ЈУ Национален парк ‘Пелистер‘ како техничка дрвна маса на три правни лица, со што обвинетиот прибавил имотна корист на ЈУ Национален парк ‘Пелистер‘ во износ од 1.752.287 денари“, пишува во соопштението.
Лани во ноември, кога битолската полиција поднесе кривични пријави против шест лица, меѓу кои и директорот и претседателот на Управниот одбор на паркот, Шемшедини, кој на функцијата беше поставен истата година, рече дека пријавата е за работа во одделот 28 на Пелистер, каде што имале работни активности од 2020 до лани, согласно десетгодишниот план за одгледување шуми.
„Ништо не е надвор од планот и од дозволите на Министерството за животна средина. Но, како забелешка од страна на инспекторот ни е дадено дека во 2020 написмено не бил известен дека ќе се работи во тој дел. Од кои причини не бил известен, не знам, тогаш имаше друг раководител и моите инженери не знаеја дека не бил известен. Според изјави на инженерите, тоа беше време на ковид и само усно бил известен, бидејќи не можел да доаѓа“, рече Шемшедини.
Тој потврди дека меѓу стеблата имало необележани, но појасни дека според Законот за шумски работи, дозволено е 20 проценти да бидат доозначени до завршување на работните активности, зашто се случува да има паднати и оштетени дрвја.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК на почетокот на август минатата година фотографираше исечени моликови стебла во близина на месноста Голема Ливада, под патеката Мечо. На нашите прашања зошто се исечени, одговорните од паркот на 4 август 2023 ни одговорија дека за сѐ имаат дозвола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА