Пешачката улица до зградата на Владата, која води до кејот на реката Вардар, е див паркинг и никој со години не го решава проблемот.
На улицата и во зеленилото кое е дел од дворот на Владата секој ден се паркирани возила, едно зад друго, без никаков ред, блокирајќи се меѓу себе. За да не плаќаат паркинг, вработените во Владата и во околните фирми се паркираат буквално во дворот на државниот објект.
Од многуте испаркирани коли едвај може да помине пешак. Нема простор за мајки со колички и за лица со инвалидски колички. До владиниот објект и до околните куќи не може да пристапи ни Пожарна ни Брза помош.
Од Владата велат дека ги разгледуваат сите проблеми со државните објекти и бараат решенија.
„Владата посветува особено внимание на објектите, особено во делот на одржување и нивно инфраструктурно унапредување. Во моментов се прави анализа на состојбата за горенаведените прашања. По утврдување и изнаоѓање на соодветно решение ќе ја информираме јавноста“, ни одговорија од Владата.
А. АНТЕВСКА