ГЕРБ на Бојко Борисов победи на седмите парламентарни избори во Бугарија за период од повеќе од три години, но ќе мора да најде коалициски партнер за да формира влада.
По повеќе од 98% пребројани гласови, ГЕРБ има освоено 26,46% гласови, пред Продолжуваме со промената со 14,38% и ултранационалистичката партија Преродба со 13,64%. Според сегашните резултати, дури девет партии ќе влезат во парламентот.
Бугарија никако да излезе од политичката нестабилност откако протестите против корупција помогнаа да падне владата на Борисов во 2020 и земјата оттогаш ја водеа краткотрајни влади. Претходните избори се одржаа на 9 јуни.
„Ќе работиме на тоа да формираме влада. Сакаме да работиме со сите партии освен со Преродба“, изјави Борисов.
Во своите први коментари, политичките аналитичари предвидуваат дека резултатите, кои значително не се разликуваат од претходните шест избори, можат да доведат до коалиција, но и не ја исклучуваат можноста за нови избори.