По повеќе години поминати под клуч, повторно за посета е отворена спомен-куќата на народниот херој Стив Наумов (1920-1942) во Битола. Обновена е со реконструкции на екстериерот и ентериерот, а збогатена е и музејската поставка. На свеченото пуштање во употреба на меморијалната куќа, присуствуваа потомци од семејството на херојот, внуци и правнуци, од кои дел го носат името на Стив и неговиот брат Ѓорги кој исто така бил антифашистички борец за слобода, а бил осуден на смрт во скопскиот затвор во 1942 година.
Нивниот внук од сестрата Александра, Стефан Бошков, кој е и претседател на Сојузот на борци во Битола, рече дека Стив во два наврати во борбени услови попречил бугаризирање на прославата на Илинден во Битола и во Смилево.
„Во 1941 година се прави обид за бугаризирање на Илинден во Битола. На Ат Пазар, Стив Наумов организира со месниот комитет големи демонстрации. Го спречува бугаризирањето на прославата. ‘Нема бугарски Илинден, има само македонски’, така пишувало на паролите. Вториот пат со одредот ‘Дамјан Груев’ влегуваат за Илинден во Смилево каде требало на прослава да присуствува министерот за внатрешни работи на Бугарија. Влегол во селото со 20 партизани, а Бугарите останала 5 дена надвор од селото зашто мислеле дека 300 партизани има во Смилево. Вторпат во воено време не дозволил Илинден да се слави од страна на бугарскиот фашистички окупатор“, рече Бошков.
Спомен-куќата во Битола беше отворена во 1961, а ова е трет пат како се обновува.
„Куќата после подолг период се отвора за јавност, бидејќи поради разни проблеми низ годините беше затворена. Поделена е на два ката, долу е поставена етнолошка поставка, а во горниот дел е историскиот дел, преку музејска поставка која сподржи голем дел оригинални предмети на Стив, во голем дел донирани од самата фамилија на херојот. Нова е виолината и спомен-куќата концепирана е на нов начин. Реконструирана е фасадата, ентериерот, променети се витрини“, рече Евгениј Литовски, кустос историчар во Завод и музеј Битола.
Наумов бил секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола, го организирал формирањето на партизанските одреди „Пелистер“ и „Даме Груев“, загинал во нерамноправна борба со бугарската полиција на 22 години во ресенското село Болно, а до денес не се знае неговиот гроб.
„На Партизанските гробишта во Битола не лежат посмртните останки на Стив. Откако паднал за слобода на Македонија, во село Болно, го погребале на едно место кое одеднаш станало свето место за секој слободоумен Македонец и да го спречат тоа, бугарските окупатори го откопале и до ден денес никој не знае каде почиваат останките на Стив“, рече потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.
Отворањето спомен-куќа е дел од програмата за одбележување на 90-годишнината на Завод и музеј Битола.
„Ја отворивме обновената спомен-куќа на роденденот на Стив Наумов, а ова е еден од трите големи настани со кои Завод и музеј од Битола ќе го одбележи јубилејот. Второ е отворањето на Јени џамија на средина на ноември и на 9 декември се отвора црквата во Курбиново “, рече Зоран Николовски, директор на Завод и музеј Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА