Иран ќе ги искористи сите достапни алатки за да одговори на израелскиот воздушен напад во саботата, кажа портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багеи.
Техеран претходно го омаловажи израелскиот напад, велејќи дека предизвикал само ограничена штета, но и дека загинале четворица војници, додека американскиот претседател Џо Бајден повика да запре ескалацијата со цел да не се претвори во општа војна на Блиски Исток.
„Иран ќе ги употреби сите достапни алатки за да му даде решавачки и ефективен одговор на ционистичкиот режим“, кажа Багеи.
Врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи вчера кажа дека Иран ќе одлучи како најдобро да му ја демонстрира својата сила на Израел, додавајќи дека израелскиот напад не треба ни да се потценува, ни да се преувеличува.
Израелската војска кажа дека нејзините борбени авиони комплетирале три брана напади врз фабрики за проектили и други воени цели близу Техеран и во западен Иран. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека притоа биле осакатени иранските противвоздушна одбрана и системи за производство на проектили.
„Ние не бараме војна, но ќе ги браниме правата на нашата нација и држава“, кажа иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
Некои набљудувачи велат дека израелскиот напад бил поограничен од она што се очекуваше. Вашингтон претходно го притискаше Израел да не ги гаѓа нафтените и нуклеарните капацитети на Иран. Западните земји му сугерираа на Иран да не се одмаздува со цел да го прекине кругот на ескалацијата.