На 9 декември, кога се прославува верскиот празник Свети Ѓорѓи, конечно ќе бидат отворена и црквата „Свети Ѓорѓи“ од 12 век во преспанското село Курбиново, каде заврши заштитата на објектот и ѕидното сликарство во внатрешноста на храмот е целосно реставрирано и конзервирано.
Заштита на ѕидното сликарство кое долги години беше под ризик да биде оштетено, се спроведе во изминатите две години со средства на Министерството за култура и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Активностите се изведуваа додека со Завод и музеј Битола раководеше претходната директорка Мери Стојанова, а на терен заштитата ја спроведе грчки и македонски експертски тим.
Црква во Курбиново е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Овој црковен бисер е познат и како македонската Мона Лиза поради живописот со особените сликарски остварувања и е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12 век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.
Храмот подолго време помина оставен на забот на времето, со нарушена статика и пожолтени фрески. Заштитата долго време беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.
Во 2020 тогашната министерка за култура Ирена Стефоска го прогласи Курбиново за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил. Договорот со експертите од Солун беше потпишан во јуни 2021. Тогаш беше отворена и посебна буџетска линија во Министерството за финансии: културно наследство во опасност.
Изминатите години Министерството за култура вложи поголема сума на пари за заштита на црквата. Се случуваше на годишно ниво најмногу пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион државата да ги вложи за заштита на македонскиот црковен бисер „Св. Ѓорѓи“. Па така, се успеа да се дозвршат конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и на фрескоживописот. Останува во иднина само уште да се конзервира ѕидното сликарство на фасадите.
Директорот на Завод и музеј од Битола Зоран Николовски, кој на функцијата дојде во септември годинава, најави дека црквата во Курбиново ќе биде повторно отворена на 9 декември, денот кога се прославува верскиот празник Свети Ѓорѓи, а во рамки на програмата за одбележување 90 години работа на Завод и музеј Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА