Кафеамат од неодамна стои меѓу капелите на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје. На луѓето кои доаѓаат на погреб им се нудат неколку видови кафиња, но кафематот ретко кој го користи. Мислењата на ужалените кои излегуваат од капелата за кафематот се поделени. Најчестите коментари се дека Акционерското друштво „Бутел“ дозволило некој да ќарува на сметка на нечија тага, но имаше и такви кои позитивно гледаа на обидот да им се понуди кафе додека се во капела.
Од „Бутел“ не добивме одговори на прашањата од кога стои кафематот кај капелите, која фирма го одржува и кој ја одобрил локацијата. За односи со јавност „Бутел“ ја ангажира Агенцијата „Априори комуникации“, но иако им ги испративме прашањата уште на 31 јануари, одговор сѐ уште нема. Од Агенцијата спуштаат слушалка кога ќе слушнат за што ги бараме.
На неколку чекори од кафематот, функционира ресторан, во кој скопјани најчесто организираат ручек по погребите или за помените на починатите.