Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски на денешната седница за пратенички прашања го праша премиерот Христијан Мицкоски за масовната партизација, иако ветуваше мала стручна администрација составена од професионалци. Потоа, наброја примери за непотизам, сосе роднините што си ги вработиле, како што рече, за овие 100 дена.
„Директорката на Комисијата за односи со верските заедници Оливера Трајковска, родена Нацева, 1997 година почнала да студира на Теолошки факултет, а дипломирала дури во 2023 година. 26 години студирала. Која е нејзината стручност?“, праша Спасовски.
- САЊА БОЖИНОВСКА Е ПОГОЛЕМА МАКЕДОНКА ОД СИТЕ ВАС, МУ ОДГОВОРИ МИЦКОСКИ НА СПАСОВСКИ ЗА БУГАРСКАТА САМОСВЕСТ НА МИНИСТЕРКАТА
- ОБЈАВЕНА ИЗЈАВАТА СО ПОТПИС НА МИНИСТЕРКАТА САЊА БОЖИНОВСКА СО КОЈА ТАА ПОТВРДУВА ДЕКА ИМА БУГАРСКА САМОСВЕСТ
Мицкоски одговараше со контрапрашања за тие што давале пасоши на нарко-картели и за висок функционер кој плаќал хотел од 3.000 евра ноќевање, а од кој Спасовски не побарал одговорност.
„Од премиерот пак не добивме одговор, ниту за непотизмот, ниту за госпоѓата што студирала 26 години и која полагала кај колегата со кој се запишала на Богословскиот факултет“, кажа Спасовски.
Откако претхоно не доби одговор од премиерот Мицкоски за министерката со бугарска самосвест Сања Божиновска, пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ го праша дали ќе го смени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поради многуте вооружени престрелки и убиство за само 4 месеци.
Место да одговори дали ќе побара одговорност од Тошковски, Мицкоски му рече на Тошкоски да одговори на поставеното прашање, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.
Тошковски кажа дека за убиството сторителот бил уапсен во рок од два часа и оти бројките кажуват друго, оти во времето на Спасовски биле полоши.
„Наша работа е да ве прашаме, да собереме аргументи и не смеете вака да обвинувате дека ние лажеме. Не е ова измислено, ова се реални настани и мора да дозволите да ве прашаме. И, не ни одговоривте за нарушувањето на безбедносната состојба есенва, дали имате осомничени и слично”, рече Спасовски.
За безбедносната состојба, Спасовски наброја 5 инциденти со огнено оружје и за над 25 вооружени инциденти и едно убиство за 4 месеци откако се на власт.
С. К. ДЕЛЕВСКА