Во Основниот суд во Охрид, поради изминати 90 дена од последното рочиште, денеска одново започна судската постапка против охриѓанецот Илија Спасески и битолчанецот Борче Ангелоски, обвинети за тепањето на Христијан Пендиков кој се чувствува Бугарин и кој по инцидентот доби бугарско државјанство. Пендиков не се појави во судницата, а обвинетите кажаа дека не се чувствуваат виновни по однос на обвинението според кое Спасески, кој беше уапсен неколку дена по нападот, заедно со 23-годишниот битолчанец како соизвршител во нападот, од омраза поради национална и етничка припадност тешко телесно го повредиле Пендиков.
Сведокот Гоце Спасески, татко на првообвинетиот, рече дека не постои национална омраза, односно мотивот за случајот кој предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје не е поради национално чувство. За време на потонувањето на бродот Илинден, тој лично учествувал во спасителната акција за што добил и Орден од бугарската држава.
„Како може да биде напад од омраза, кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа . Тој самиот кажа дека тоне бродот и кога е воспитан секого да сака, најмалку да мрази па било кого“, рече бранителот на обвинетиот Спасески, Димитрија Цобоски.
Судот дополнително ќе утврдува дали цедето со изјавата на Пендиков дадена во бугарската ТВ ќе биде прифатено како доказ, откако ќе добие превод на македонски јазик. Доколку не се достави превод до следното рочиште, тогаш ќе биде одбиен.
Според одбраната, овој доказ е потребен за утврдување на правата вистина и да докаже дека оштетениот можел да дојде затоа што немал повреди кои би го спречиле тоа.
„Ако дозволи судот да се репродуцира таа снимка ќе видите што изјавува за тој настан, а што изјавува после неговото гледање на видеоснимката што ја предложи обвинителката“, вели адвокатот Цобоски.
Адвокатот на Пендиков пак се противи изјавата на Пендиков да биде доказ, оти снимката не била релевантна.
„Таа снимка со право обвинителката констатираше дека не е докажано дека е релевантна во смисла дека е навистина од тој медиум и на кој датум е. Кажувањата, излегувањата и гостувањата по медуми е нешто што не е релевантно“, вели Стефан Камишески, адвокат на оштетениот.
Обвинетиот Илија Спасески, се товари за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“ за што е предвидена казна затвор од една до пет години. Борче Ангелоски како сообвинет одговара за кривичното дело „нанесување на тешки телесни повреди“.
Нападот на Христијан Пендиков, секретар на тогашниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, се случи лани на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот. По инцидентот тој со бугарски владин авион пратен од претседателот Румен Радев беше транспортиран на лекување во Бугарија каде доби државјанство, стан и обезбедување, а како што најави тогаш бугарската потпретседателка Илијана Јотова ќе му биде обезбедена и стипендија да студира во Софија. На 7 февруари, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков рече дека Пендиков ќе добие бугарско државјанство, а бугарското министерство за надворешни работи ќе му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош. Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, добил и лично обезбедување од бугарската полиција.
Тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи го посети Пендиков додека беше на лекување во Софија и рече дека нему не му е важно што ќе каже истрагата за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, туку што ќе каже „оштетениот“ и неговите родители.
„Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштететниот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, рече Османи во интервју за бугарската „БТВ“.
Тогашниот мнистер за внатрешни работи Оливер Спасовски на 27 јануари кажа дека „луѓе од иста групација се и оние кои тепаат и оние кои се тепани“ и дека тепачката во Охрид е дел од хибридна војна против Македонија.
С. ВРЕНЦОВСКА