ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА ОД БИТОЛА ЗА ЛЕРИН, ПРОБЛЕМ Е ШТО ГРЧКАТА СТРАНА НЕ ЈА СТАВА ВО ФУНКЦИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

    ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА ОД БИТОЛА ЗА ЛЕРИН, ПРОБЛЕМ Е ШТО ГРЧКАТА СТРАНА НЕ ЈА СТАВА ВО ФУНКЦИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИВо 2016 година, преку проект финансиран од ЕУ започна градба на пругата од Битола за грчка граница. (Фото: СДК.МК)

    Од македонска страна изградена е железничката линија, но проблем е што грчката страна не ја става во функција, рече министерот за транспорт и врски Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање кога ќе свирне возот од Битола за Лерин. Точен одговор од грчкиот министер за транспорт за тоа кога ќе проработи пругата од нивна страна очекува да добие на средба договорена за 23 ноември годинава.

    „Пред неколку недели бев во Солун каде се сретнав и со грчкиот министер за транспорт и ја отворив оваа тема. Ова е важен железнички коридор пред сè во карго делот зашто пристаништата во Солун и Игуменица можат да ја користат оваа линија, што ќе значи многу за стопанството во регионот. Грчкиот министер кажа дека имаат одредени проблеми со финансирање, но даде ветување дека до нашата следна средба на 23 ноември ќе даде конкретен одговор кога ќе можат да ја пуштат. Јас се надевам дека до краjот на оваа година или почетокот на следната ќе имаме оперативна пруга“, рече Николоски.

    Во 2016, преку проект финансиран од ЕУ започна градба на пругата од Битола за грчка граница. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Откако СДСМ дојде на власт државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проект чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра буџетот на државата. До 2019 година се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба.

    За разлика од денес, кога во 21. век немаме железница од Битола за Грција, уште во 19 век имало пруга Битола-Солун. Функционирала до Балканските војни. Оттогаш па наваму, воз од македонска територија не поминал на грчка. Во социјалистичкиот период до пред четириесетина години имало железничка врска меѓу Битола и Лерин, но македонскиот воз превезувал патници до граница, а таму се префрлувале во грчки и патувале до Лерин, каде повторно се преместувале во трет за Солун.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира