ЗАПОЧНАА ИЗБОРИТЕ ВО САД, И ТРАМП И ХАРИС ПРЕЗЕНТИРАА МРАЧНИ ВИЗИИ ЗА ИДНИНАТА АКО ПОБЕДИ РИВАЛОТ

    ЗАПОЧНАА ИЗБОРИТЕ ВО САД, И ТРАМП И ХАРИС ПРЕЗЕНТИРАА МРАЧНИ ВИЗИИ ЗА ИДНИНАТА АКО ПОБЕДИ РИВАЛОТПоследните анкети ѝ даваат ситна предност на Харис (Фото: Гети)

    Американците денеска го избираат својот пат напред на најважните избори во светот и влогот не можеше да биде повисок.

    Доналд Трамп и Камала Харис предвидуваа своја победа додека ги обиколуваа Пенсилванија и другите колебливи сојузни држави во последните часови од една од најнеизвесните предизборни кампањи во историјата на САД.

    Кампањата изобилуваше со неверојатни моменти: Трамп се соочи со два обида за атентат и со пресуда за кривично дело, а потпретседателката Харис ненадејно се најде на врвот на гласачкото ливче откако го замени Џо Бајден по неговата катастрофална дебата со Трамп. Од март биле потрошени над 2,6 милијарди долари за убедување на гласачите.

    И покрај тоа, никој не може да предвиди кој ќе победи. Седумдесет и осумгодишниот Трамп веќе најави дека ќе се обиде да се бори против секој пораз, како што направи во 2020. Последните анкети ѝ даваат ситна предност на 60-годишната Харис, која се надева дека ќе стане првата претседателка на САД.

    Двајцата кандидати меѓусебно се напаѓаа, навредуваа и оцрнуваа и презентираа мрачни визии за иднината во случај на свој пораз. Доналд Трамп кажа дека земјата ќе отиде по ѓаволите и веднаш ќе стане комунистичка ако победи Харис, а таа го опиша противникот како фашист и нестабилна личност која сака неконтролирана власт и да укине некои демократски придобивки. Гласачите во седумте колебливи држави, каде што најверојатно ќе се решаваат изборите, беа бомбардирани со предизборни реклами и најголем дел од нив имаа за цел да всадат страв.

    Од 250 милиони американски гласачи, над 82 милиони веќе го оствариле своето право на глас во изминатите недели, при што е забележана рекордна излезност во колебливите држави Џорџија и Северна Каролина.

    Изборите со огромен интерес ќе се следат во целиот свет, особено во Украина, која стравува дека би можела да остане без клучната поддршка во војната против Русија ако победи Трамп. Тој тврдеше дека ќе ја заврши војната уште првиот ден во Белата куќа, иако не откри како.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира